Џирона направи џиновски чекор кон опстанок во шпанската Примера дивизион откако тимот на нашиот Бојан Миовски вечерва славеше на гостувањето против Валјадолид со 0-1, за огромни три бода и бегство од опасната зона на табелата. Миовски минатата рунда доби десетина минути, но Македонецот вечерва повторно беше закован на клупата за резерви, уште еден јасен предзнак дека за него нема иднина во таборот на Џирона.
Џирона за ривал го имаше убедливо најслабиот тим во лигата, но „црвено-белите“ се мачеа, дури и имаа многу среќа кога Валјадолид на почетокот од второто полувреме од стопроцентна шанса ја затресе само гредата од голот на Газанига.
Клучен момент беше влегувањето на Стуани во 71. минута, ако се знае дека токму искусниот напаѓач ја имаше улогата на херој на десет минути до крајот, најдобро снаоѓајќи се во мешаницата по одличната асистенција на дефанзивецот Лопез.
Валјадолид имаше уште една стопроцентна шанса до крајот, Газанига успеа да одбрани, за огромни три бода на Џирона на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

