ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Иван Џонов заработи незгодна повреда на мускулот во финишот од мечот со Португалија, се чинеше дека овој ракометар е загубен до крајот на шампионатот, но левото крило стисна заби и настапи на денешниот клучен дуел со Романија.
Токму Џонов беше клучна фигура во почетните минути, во кои постигна два гола, имаше и асистенција и украдена топка, трасирајќи го патот до стартното убедливо водство.
„И ден пред овој меч кажав, ако има и најмала шанса, ако не постои преголем ризик од влошување на повредата, дека ако треба ќе играм и со една нога, само да помогнам да стигнеме до резултатот што го посакувавме. Лекарите ми кажаа дека би можел да играм низ болка, ниту за момент не размислував, се ставив на располагање. Среќен сум што заедно со сите останати дадов свој придонес за да стигнеме до овој триумф. Почнавме одлично, штета што не стигнавме до поубедливо водство на почетокот во кој целосно доминиравме. Потоа противникот се врати, влеговме во неизвесна завршница, но целосно ја заслуживме оваа победа со прикажаната игра и карактерот, како на овој меч, така и на целиот турнир. Ова е голем триумф, не само за пласманот на ова ЕП, туку и за наредниот период и квалификациите што ќе ни следат за СП 2027“, истакна Џонов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

