По вчерашната информација од СВР Штип за кривична пријава против претседателот на Општинскиот фудбалски сојуз на Штип, Димитар Џонов, со свое соопштение се јави самиот Џонов. Неговиот став и објаснување за ситуацијата го пренесуваме во целост:
Со цел вистинито информирање на јавноста и покажување одговорност на секој субјект во рамките на своето делување, би сакал да го посочам следното:
Општинскиот фудбалски Сојуз (ОФС) – ШТИП поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи на Р.М. (МВР) со цел да се разгледа злоупотребата на работењето на поранешниот секретар на ОФС Штип и злоупотребата на користењето на службените печати на ОФС Штип.
Во однос на наводите дека се проневерени парични средства изјавувам дека истото е неточно, сумата која е наведена е исплатена како награда на фудбалерите за освоено второ место на регионалното натпреварување помеѓу репрезентациите на Општинските фудбалски Сојузи.
Во делот на тоа дека наводно не е извршено примопредавање на новиот ОФС кој сега раководи со регионот, истакнувам дека сите службени лица се намирени, како и неискористените средства на име котизација на клубовите им се вратени за што постои и валидно донесена одлука од страна на Управениот одбор на регионот.
Самите износи (десет илјади и петстотини денари) кои се наведуваат како наводен криминал, за кој одговорно изјавувам дека не постои, упатува само за обид за моја лична дискредитација и нарушување на угледот од страна на определени лица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА