ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари го претрпеа и вториот пораз на ЕП 2024, овојпат од домаќинот Германија со резултат 25-34. Ако против Франција можеше да се каже дека имавме квалитетни први дваесет минути, тоа вооошто не беше случај на вчерашниот дуел со Германците, во кој во ниту еден момент не успеавме да им парираме.
„Мораме да анализираме, каде се нашите грешки,како во нападот, така и во одбраната. Мислам дека бевме далеку поборбени отколку против Франција, за тоа не моќе да ни се замери, но очигледно е дека имаме проблем со сите со играта „еден на еден“. Противниците беа силни, но исто така и со различен стил на игра. Германците за разлика од Французите се побавни, но и многу поцврсти во дуелите, со тоа ни создадоа проблеми на овој натпревар“, изјави Иван Џонов.
Денеска е ден за одмор и за подготовки за третиот меч на овој европски шампионат, што Македонија утре со почеток во 18 часот ќе го игра против Швајцарија.
„Добро ќе се подготвиме за Швајцарците. Јасно е дека тие не се на нивото на Германија или на Франција, но видовме вчера дека ремизираа со Французите, што е најдобра потврда дека станува збор за сериозна репрезентација. Ние немаме намера да се предадеме, со добра анализа и подготовка можеме да им парираме и да се обидеме да стигнеме до позитивен резултат“, истакна Џонов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА