ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Иван Џонов ја имаше улогата на вчерашниот дуел со Данска да игра „фластер“ на Матијас Гидсел, во обид да го исфрли од ритам најдобриот ракометар на денешницата.
Ракометарот на Алкалоид делумно успеа во тоа во првото полувреме, Данците од таа причина на периоди играа и „седум на шест“ во нападот, а Џонов по мечот говореше за можноста да заигра против големиот ас.
„Таква беше тактиката, да се обидеме да го запреме, да му го лимитираме времето во кое ќе ја има топката во раце. Мислам дека делувавме добро од тој аспект, Данска тргна и со седум на шест за ние да мораме да се повлечеме во зона во одбраната. Ова ми беше првпат да играм против него, ми беше чест бидејќќи Матијас Гидсел е најдобар светски ракометар. Атмосферата беше фантастична, знаевме дека Данците ќе се мотивирани, но дел од тактиката секако беше да се обрне посебно внимание на Гидсел“, истакна Џонов.
За целата ситуација говореше и самиот Гидсел, со насмевка коментирајќи го „фластерот“ што го имаше за време на дуелот со Македонија.
„Ми беше дозволено неколку пати да си стојам на средината од теренот и заедно со мојот нов пријател од Македонија да гледаме како тече натпреварот… Пред дуелот бевме предупредени дека Лазаров нема само да остави ние да играме, ќе бара начин да ни создаде проблем. Знаете што мислам за фластер играта… како некој да ве викнал на забава, а потоа вратарот не ве пушта да влезете. Навистина би сакал повеќе да ја имав топката кај себе, но исто така е добро што Питлик и Лауге добија повеќе простор и максимално го искористија тоа“, прокоментира Матијас Гидсел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

