Македонските репрезентативци влегоа во последната фаза од подготовките за СП 2025 во пресрет на премиерниот дуел што ќе го играат на 15 јануари во Вараждин против Унгарија.
За разлика од последното ЕП на кое имавме исклучително тешка група со супер-фаворитите Германија и Франција, овојпат за ривали ги добивме Унгарија и Холандија како тимови со кои можеме да се обидеме да изненадиме, како и Гвинеја, селекција против која мора да се слави за да се обезбеди пласман во следната фаза.
„Подготвени сме за сето она што е пред нас како предизвик. Самиот пласман на ова СП е голем успех, а верувам дека искуствата од претходните големи натпреварувања ќе ни бидат од голема помош во Хрватска. Лани игравме против гиганти како Франција и Германија, знаеме како е да се игра со врвни селекции, а тие дуели само ќе ни дадат уште поголема сигурност и самодоверба со ривалите што ќе ги сретнеме во Вараждин. Холандија и Унгарија се дел од најдобрите селекции на овој шампионат, но за нас тоа ќе биде уште поголем мотив за надигрување со нив. Едно е сигурно, нема да се предадеме, планот е со борбена, сконцентрирана и фокусирана игра да стигне до позитивен резултат на овој мундијал“, истакнува Иван Џонов, кој по добрите игри за РК Алкалоид повторно доби шанса со националниот тим да биде дел од едно големо натпреварување.
Она што е и повеќе од јасно, за добар резултат ќе биде потребна и помош од трибините, нешто што досега не беше проблем кога Македонија настапуваше на светските и на европските шампионати што се одржуваа во Хрватска.
„Поддршката од трибините ќе ни значи многу. Знам дека многу Македонци планираат да дојдат и да навиваат за нас, од срце сме им благодарни. Тие ќе ни дадат дополнителна сила и енергија на теренот, а знаеме дека можеме да им се оддолжиме само со максимална ангажираност и борба, која ќе ни донесе и резултат каков што сите заедно посакуваме“, додаде Џонов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА