ЕКИПА во Атина,
Стеван Цаневски
Се е подготвено за денешниот прв меч од финалето на ЕХФ Европскиот куп, во кој Алкалоид во 18 часот ќе му гостува на тимот на АЕК. Избраниците на Кире Лазаров имаат историска сезона, но желба на сите на клубот е да не се застане тука, туку наредниот викенд да се прослави и првиот европски трофеј во клупската историја.
„Целата измината седмица по враќањето од репрезентативна пауза го анализиравме тимот на АЕК. Максимално сме сконцентрирани на ова европско финале, знаеме дека нема да ни биде нималку лесно. АЕК е една одлична екипа со голем број на искусни играчи, знаеме дека имаат одиграно голем број на важни меѓународни натпревари. Ние максимално го искористивме периодот за подготовки, оптимисти сме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат, па потоа да размислуваме за реваншот што следниот викенд ќе го играме во Скопје пред нашата домашна публика“, вели Иван Џонов.
Според левото крило, важно ќе биде да не му се дозволи на домаќинот да го диктира темпото на денешниот натпревар.
„АЕК е една малку поразлична екипа што ја краси разноврсност, по потреба знаат да играат брзо, но знаат и да го намалат темпото ако почувствуваат дека такво нешто им е потребно. Знаат да играат на резултат, ќе сторат се за тие да бидат тимот што ќе го диктира темпото, на нас е да не им дозволиме такво нешто“, истакнува Џонов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

