Македонската репрезентација денеска го минува последниот ден во Скопје пред вечерва да отпатува на турнир за Швајцарија, по што директно оттаму ќе следи и лет за Данска, за настап на ЕП 2026.
Атмосферата во националниот тим е на највисоко ниво, а по серијата тренинзи од стартот на годинава ракометарите со нетрпение ги очекуваат претстојните дуели со Бахреин, Украина и со Швајцарија, кои ќе послужат за темпирање на формата до стартот на ЕП закажан за 16 јануари и дуелот со домаќинот Данска.
„Атмосферата е супер, добро се подготвуваме. Првиот дел од подготовките мина добро, а сега влегуваме во подетална анализа на противниците. Со тек на времето ќе бидеме сè поподготвени за предизвиците кои не очекуваат на ЕП. Турнирот во Швајцарија е најважен за нас во овие подготовки. Сè она што го трениравме треба да го вметнеме во нашата игра. Ќе ни биде реална слика до каде сме и колку ќе функционира, дали и каде ќе грешиме. И по тој турнир имаме неколку денови на кои можеме да се поправиме ако биде потребно“, истакнува Иван Џонов.
Овој ракометар го повтори ставот на сите во репрезентацијата – дека се подготвени за максимална борба во текот на трите средби, иако групата е исклучително тешка.
„Нормално е дека сите сакаме да минеме во втората фаза. Противниците се екстра-квалитетни. Не треба да трошиме зборови за Данска, како и за Португалија која е многу квалитетна и во последните години завршува меѓу најдобрите на турнирите. Романија е исто така селекција која што не смее да се потцени. Можам да ветам дека ние ќе се бориме на секој натпревар, да бидеме најдобрата верзија од себеси за да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло“, изјави Џонов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

