Џонов: Знаеме дека нема да биде лесно, но сакаме победа и во Литванија

Македонските ракометари денеска тргнуваат на пат за Литванија, каде утре со почеток во 17 часот ги очекува новиот предизвик во квалификациите за ЕП 2026.

Триумфот над Естонија беше потежок од очекувањата, што сигурно ќе биде добра лекција за избраниците на Лазаров да се прикажат во квалитетно издание во текот на сите 60 минути против Литванија, по триумф со кој широко би биле отворени вратите кон уште едно големо натпреварување.

Иван Џонов постигна неколку значајни погодоци во второто полувреме против Естонија, одигра и важна улога во одбраната кога се кршеше резултатот, а ракометарот на Алкалоид е свесен за тежината на предизвикот на утрешниот дуел.

„Не сакаме еуфорично да влегуваме во натпреварот, претпазливи сме бидејќи ни е јасно дека нема да биде нималку лесно. Литванците со одличната игра вопрвото полувреме целосно парираа на Словенија, покажувајќи дека се квалитетна репрезентација. Секогаш е тешко кога се играат квалификациски натпревари на гостински терен, тоа ни е повеќе од јасно, за да се триумфира мора да се биде максимално фокусиран во текот на сите 60 минути. Го анализиравме противникот и се подготвувавме за оваа средба, секако дека ќе сториме се за да славиме бидејќи знаеме дека триумф во Литванија би значел и огромен чекор напред кон билет за ЕП“, изјави Џонов во пресрет на дуелот со Литванците.

Се вчитува...