Ф1 тимот на Вилијамс официјално потврди дека потпишале долгорочен договор со 20-годишниот Џорџ Расел кој е лидер во шампионатот во Формула 1 на две трки до крај.
Младиот британски возач е дел од програмата за таленти на Мерцедес. Кариерата ја почна во картинг, а првиот голем успех го бележи во 2014 година кога го освои шампионатот БРДС во Формула 4 како возач на Мекларен. Следните две сезони Расел возеше во Формула 3 и го освои шампионатот во 2017 година. Оваа сезона Британецот се натпреварува во Ф2 и е тест и резервен возач во Ф1 тимот на Мерцедес.
„За мене е огромна чест да се приклучам во тим како Вилијамс кој претставува исклучително наследство и престиж. Цел живот сонувам за Формула 1. Ова е остварување на мојот сон“ – изјави Џорџ Расел.
Од тимот на Вилијамс истакнуваат дека со доаѓањето на 20-годишниот возач ја продолжуваат традицијата на подигнување на млади таленти.
„Ние отсекогаш сме се стремеле во Вилијамс да развиваме млади таленти. Џорџ Расел перфектно се вклопува во тој опис“ – вели шефицата на тимот, Клер Вилијамс.
Засега се уште останува отворено прашањето кој ќе биде вториот возач во тимот на Вилијамс за следната сезона. Според најавите, Вилијамс најверојатно ќе се определи за спој на младост и искуство, а во тој план најблиску до второто место во тимот е Полјакот Роберт Кубица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА