Анхел ди Марија ќе треба да плати два милиони евра, згора на тоа му беше изречена и една година затворска казна, откако аргентинскиот фудбалер ја прифати вината во случајот на даночно затајување додека настапуваше за Реал Мадрид.
Аргентинецот, кој сега го носи дресот на Пари сен Жермен, сепак нема да мине ниту еден ден зад решетки бидејќи според шпанските закони затворските казни под две години за вакви финансиски криминали се менуваат во условни казни.
Токму како дел од тој договор, Ди Марија се согласил да ја прифати вината по обвиненијата против него. Иако стануваше збор за затајување на профит од 1,3 милиони евра од неговите имиџ-права, Аргентинецот ќе плати повисока сума, за да се намали барањето на обвинителството за затворска казна, па потоа истата да биде „трансформирана“ во условна.
Неколку месец претходно, сличен договор со обвинителството направи уште еден аргентински фудбалер, Хавиер Маскерано од екипата на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА