Јувентус денеска и официјално ќе биде казнет од Фудбалската Асоцијација на Италија што ќе резултира со неиграње во европските купови следната сезона, што пак само по себе ќе повлече и заминување на дел од првотимците од „старата дама“.
Прв што ќе си замине ќе биде Анхел ди Марија, Аргентинецот кој минатото лето дојде со едногодишен договор од ПСЖ и подготвен е експресно да го напушти италијанскиот фудбал. Иако неодамна најави дека сериозно ја разгледува опцијата за останување на уште една година, Ди Марија во меѓувреме повторно го сменил ставот и веќе им соопштил на клупските челници дека летово ќе ги напушти „црно-белите“.
Тој не крие дека сака кариерата да ја заврши во татковината, па многу лесно може да се случи да ги одбие сите понуди од Европа и да се врати назад во Розарио Централ, клубот каде во 2005 година ја почна својата блескава кариера.
Се очекува Ди Марија да биде прв од неколкуте фудбалери кои летово ќе си заминат од таборот на „старата дама“, а на листата на играчи кои би требало да го следат Аргентинецот се Влаховиќ, Рабио, Паредес, Ругани…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА