Анхел ди Марија е подготвен да го скрати својот престој во Јувентус и по само шест месеци да си замине од најтрофејниот италијански клуб. Аргентинските медиуми тврдат дека овој фудбалер е незадоволен во таборот на „старата дама“, пред се од неисполнетото ветување на управата дека во Јуве ќе може да се бори за трофеи.
Јувентус во случај на непласирање во нокаут фазата од Лигата на Шампионите ќе претрпи и сериозна загуба во однос на планираните приходи, што би можело да значи и заминување на некој од најплатените играчи уште во јануарскиот преоден рок. Ди Марија влегува во оваа група на фудбалери, а фактот дека тој има договор само до крајот на сезонава го прави идеален за заминување. Тој не ја крие желбата кариерата да ја заврши во татковината, впрочем затоа и потпиша договор со Јуве на само една година, а нема сомнеж дека бројни аргентински клубови ќе покажат интерес за да го вратат фудбалскиот генијалец во земјата каде што е роден.
Покрај Ди Марија, од Јувентус би можел да си замине и Леандро Паредес, уште еден аргентински фудбалер кој пристигна летово од ПСЖ, но воопшто не ги оправда очекувањата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА