Пауло Дибала викендов со солзи во очите се збогуваше од навивачите на Јувентус, но аргентинскиот ас во наредните денови ќе ги разочара приврзаниците на „старата дама“, потпишувајќи договор со лутиот ривал Интер. Според италијанските медиуми, доказ за тоа е и фактот дека Дибала купил ексклузивно живеалиште што се наоѓа во непосредна близина на зградата што им припаѓа на „нероаѕурите“.
Иако пред неколку месеци тој тврдеше дека од почит кон Јуве нема да игра за друг италијански клуб, ситуацијата во меѓувреме се промени. Понудите од заинтресираните клубови не се финансиски пребогати во однос на она што Дибала го очекувал, а највисока од сите е онаа на Интер. Како што јавува „Газета дело спорт“, веќе е постигнат договор за четиригодишна соработка, што ќе биде официјализиран по комплетирањето на последното коло закажано за наредниот викенд.
Аргентинскиот голгетер веќе нашол и место за живеење во Милано, откако купил стан на петтиот кат од зграда во реонот „Скала 1“, што важи за едно од најексклузивните локации во италијанската метропола. Фактот дека зградата и станот се на само стотина метри од зградата што важи за база на Интер е само причина плус за уверување дека целата работа е договорена и дека Дибала од следната сезона ќе го носи дресот на „нероаѕурите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА