Дибала почна да се пакува, не прифаќа помала плата од Рома

Пауло Дибала ги минува последните месеци во дресот на Рома откако аргентинскиот ас ја одбил понудата за продолжување на договорот со „волчицата“.

Голгетерот е најплатен фудбалер на Рома откако дојде во клубот како слободен играч по истекот на договорот со Јувентус, но честите повреди го спречија да блесне во сиот свој сјај во дресот на римскиот клуб. Челниците на Рома и тренерот Гасперини сметаат дека најплатениот играч на тимот мора да биде и најпродуктивен, а фактот дека Дибала сезонава на 17 средби во сите натпреварувања има скромни два гола и три асистенции не оди во прилог на Аргентинецот.

Клупските директори испратиле јасна порака дека тој ќе мора да прифати значително намалување на платата ако сака да остане на „Олимпико“, опција што експресно била отфрлена од самиот фудбалер.

Дибала е решен да си замине, а се поголеми се шансите негова следна дестинација да биде Аргентина, со оглед на желбата тој да се врати во татковината од каде замина како тинејџер во 2012 година, за да се пресели од Институто во редовите на Палермо.

Се вчитува...