Вардар го игра својот прв фајналфор турнир во клупската историја, но Тимур Дибиров е еден од ретките во таборот на „црвено-црните“ (заедно со Циндриќ, Канелјас и со Штербик) кои имаат настапено во завршната битка за тронот на Европа, играјќи за Чеховски медведи во на Ф4 во 2010 година. Рускиот ас претходно во 2007 година се закити и со пехарот во Купот на Победниците на Куповите, но на Дибиров му е јасно дека ракометот доби нова димензија во последните неколку години.
„Дефинитивно, ракометот е многу променет бидејќи има голем број на играчи кои настапуваат на високо ниво. Веќе нема фаворити и аутсајери, тимовите се многу поизрамнети, а решавачка е психологијата“ – истакнува Дибиров.
Фактот дека „црвено-црните“ се дебитанти на ова натпреварување не претставува никаков хендикеп, особено ако се знае дека и во минатото тимовите на кои им се давале најмали шанси за трофејот сепак успевале да стигнат до тронот.
„Да не ги заборавиме победите на Хамбург, Фленсбург и на Кил, тоа се клубови кои докажаа дека е минато времето кога два-три тима се дел од елитата и меѓу нив си ги делат трофеите. Оваа се поголема израмнетост во квалитетот, особено на врвните клубови, а вистинската промоција на ракометот“ – вели Дибиров.
Рускиот интернационалец сонува за кревање на победничкиот пехар, како врв на својата кариера, но и на спортот во Македонија.
„Ова би било многу важно за клубот, за градот Скопје, за целата држава, бидејќи љубовта кон ракометот во Македонија е неверојатна. Ние ќе сториме се за да ги израдуваме луѓето во Македонија и на тој начин да им се оддолжиме за љубовта и поддршката што ни ги даваат. Ако го освоиме пехарот, Македонија ќе биде најсреќната земја во светот, а во Скопје стотици илјадници луѓе ќе излезат на улиците. Тоа е нешто што сакаме да го доживееме“ – порача Тимур Дибиров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА