Дибиров: Е. Пелистер ќе успее некого да изненади, ама да не сме само ние

Ракометарите на Еурофарм не можат никако да запишат победа во годинашното издание од Лигата на шампионите, со четири порази од исто толку натпревари. Па, можност за први бодови утре ќе бараат на гости кај ППД Загреб.

Хрватите, пак, со новиот тренер Ненад Шоштариќ се со иста желба за победа, но знаат дека ќе биде тежок натпревар.

Поранешната вардарова ѕвезда, а сега член на Загреб, Тимур Дибиров верува дека Е. Пелистер ќе успее да стигне да изненади некого во групата, но се надева дека нема да биде утре тоа неговата екипа.

„Секогаш е тешко за дебитант како Пелистер да стартува во Лигата на шампионите. Тоа се виде уште на првиот нивни натпревар против Колштад каде правеа многу грешки, но сега на секој следен натпревар очигледно е дека имаат голем напредок. Против ПСЖ одиграа коректно и сигурно посакуваат уште подобри мечеви. И ние сме во добра форма, но нема место за еуфорија и не смееме да летаме во облаци. Крајната цел е да се помине групата, но останува да се концентрираме само на секој следен натпревар. Ние утре сме фаворити, а кога го носите тој притисок не е лесно да се игра. Ќе мора на терен да го дадеме максимумот затоа што во Лигата на шампионите нема слаби екипи. Мислам дека Пелистер ќе успее да изненади некого во групата, само се надевам дека нема да бидеме ние. Секоја почит до нив, но ние сега максимално сме мотивирани да го вратиме Загреб онаму каде што му е местото во елиминацискиот дел од најквалитетното европско натпреварување“, вели Дибиров пред утрешниот меч во Загреб.

Се вчитува...