Вардар се уште има што да каже и покаже во Лигата на шампионите, без оглед на бројните заминувања во текот на летото. Триумфот над Монпелје, и тоа на теренот на актуелниот европски првак, јасно покажа дека „црвено-црните“ и со овој ростер предводен од Роберто Парондо можат да се надигруваат со најдобрите во Европа, а саботниот меч со Кристијанштад е одлична можност „вардарци“ уште еднаш да го потврдат својот квалитет и да стигнат до втората победа во групата.
„Го заборавивме првиот меч со Монпелје, бидејќи сме свесни дека мораме да се сконцентрираме на секој нареден натпревар. Гокусот е целосно на Кристијанштад, сакаме да го победиме овој тим кој воошто не е наивен, во последните неколку сезони е редовен учесник во Лигата на шампионите и затоа не смееме да го потцениме. И лани имавме проблем со шведскиот состав, игра поразличен ракомет од останатите, ако малку ви падне концентрацијата против Кристијанштад – готови сте. Имаме голема почит кон овој противник, но исто така и ги сакаме првите бодови пред нашата верна публика“ – изјави Тимур Дибиров.
Добра вест за „вардарци“ е што Вуко Борозан по ситната повреда поради која не настапи со Стеауа во СЕХА-лигата, в сабота сигурно ќе биде во тимот на македонскиот првак.
„Мораме да го штедиме коленото на Борозан, затоа од претпазливост не сакавме да ризикуваме со негов настап против Стеауа. Што се однесува до Кристијанштад, нема дилеми дека тој ќе игра“ – открива тренерот Парондо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА