Рускиот репрезентативец Тимур Дибиров веќе седум години е дел од Вардар каде пристигна во 2013 година. Сега, за време на пандемијата на коронавирусот, доби бројни понуди за промена на средината, но беше трпелив и одлучи да ја прифати понудата од старо-новиот претседател Михајло Михајловски за останување во клубот.
Во интервју за рускиот „Брз центар“, Дибиров открива дека во последните седум години одбил бројни понуди само за да остане во Вардар. Уште пред првото негово доаѓање во Скопје веќе имал во раце договор од ПСЖ, но се одлучил за црвено-црниот дрес – и не погрешил.
„Никогаш кога одлучувам каде ќе продолжам не се водам според парите, но исклучиво ми е важно што чувствувам. Ако некоја понуда ми изгледа нелогична не ја прифаќам. Така беше и во 2013 година кога имав готова понуда од ПСЖ во рака, но се одлучив да одам во Скопје. Во тоа време Вардар воопшто не беше етаблиран во европски рамки, а во ПСЖ веќе играа Хансен, Абало… Но, одлучив за Вардар и не погрешив, затоа што сега може слободно да кажам дека многу го сакам Скопје“ – вели Дибиров.
Минатата сезона имал понуди и од Монпелје, оваа и од Брест Мешков но повторно го прифатил предизвикот кој му го понудил Михајло Михајловски.
„Имав сериозна понуда од Мешков Брест. Понудата беше одлична, но бев трпелив иако периодот на чекаше беше долг. Почекав да се средат работите и прифатив да останам во Вардар. Гледам дека и конкуренцијата во Македонија се засилува и тоа е добро за ракометот во земјата. Ќе има неколку сериозни клубови, добри дерби натпревари, и тоа секако е добро“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА