Поранешниот ракометар на Вардар и двократен европски шампион Тимур Дибиров во интервју за српски „Моцарт“ покрај за својата кариера, говореше и за времето поминато во престолнината на Република Македонија.
Како што вели Русинот тој сакал да ја заврши кариерата во Вардар, но поради проблеми морал да го напушти Скопје.
„Многу сум среќен што сум толку ценет во Вардар. Мојот план беше кариерата да ја завршам во Скопје. Ниту Вардар, ниту јас не сакавме да заминеме, но имаше проблеми, немаше можност да останам, па минатата година завршив во Загреб. Благодарен сум на сегашниот клуб што ми даде шанса, што ми овозможи во 40-та година да играм во Лигата на шампионите и да ја добијам наградата за најдобро лево крило. Мислам дека го направив вистинскиот потег, се чувствувам добро во Загреб“, вели Дибиров.
Околу титулите со Вардар тој вели дека таа во 2019 му е посебна…
„Сите велат дека првата титула е најценета, дека тоа чувство не може да се повтори, но таа 2019 година и таа втора круна европски шампион е незаборавна. Тоа беше бајка. Проблемот што го имавме во клубот, сето тоа го оставивме на страна. Не ја гледавме жиро сметката, одевме на тренинзи како 15-годишни деца, сакавме само да играме, да победиме. Тоа четвртфинале со ПИК Сегед ја сврте цела сезона. Сфативме дека се е можно во животот и спортот, дека нема пречки ако го дадеш својот максимум“, заврши Дибиров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА