Тимур Дибиров во разговор за хрватскиот портал „Индекс“ говореше на најразлични теми, го анализираше ЕП 2024, но и се потсети на славните времиња во Вардар, кога со македонскиот тим стигна до два трофеја во Лигата на Шампионите.
Русинот обелодени како дошло до промена на планот, па наместо да ја заврши кариерата во Вардар пред една и пол година се пресели во редовите на Загреб.
„Тоа беше интересен сплет на околности, многу работи се поклопија. Јас имав договор со Вардар и за таа наредна сезона, сакав да ја завршам кариерата таму, но додека бев на летен одмор стигнаа веста дека клубот е суспендиран од ЕХФ. Му реков на претседателот дека јас сум таков човек, сакам да играм на највисоко ниво, тогаш со понуда се јави Загреб, ми се јави и Чупиќ кој ми објасни каква е визијата за иднината на хрватскиот клуб. Бев добро примен во клубот, добро се чувствувам во градот, верувам дека го донесов вистинскиот избор“, вели Дибиров за „Индекс“.
Сепак, рускиот ракометар признава дека во Хрватска го нема статусот на спортска суперѕвезда што го уживаше во Скопје.
„Овде се е поразличн, Скопје е специфичен град по огромната љубов кон ракометот. Секое кафуле, секое училиште, бензинска пумпа, секаде некој ќе те препознае. Она што го сторивме со Вардар е неповторливо, особено онаа втора европска титула, во оние околности… затоа тој трофеј ми е најмил во кариерата. Еден мој пријател го праша Раул Гонзалес како му е во Скопје, а тој му одговори со еден збор: Холивуд. И навистина беше така, се чувствувавме како холивудстви ѕвезди, феноменална енергија, љубов, на целата држава кон клубот. Во Загреб луѓето пред неколку години имаа загубено интерес за ракомет, затоа и наша главна цел, покрај резултатите е да ги вратиме луѓето на трибините“, споредува Дибиров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА