Дибиров: Ова е победа за Дисингер, знаеме колку му е тешко…

ЕКИПА во Брест,

Катерина Павлова Николовска

Вардар трета година по ред е шампион на СЕХА-лигата, успех што му нема појдено од рака на ниту еден тим во историјата на ова натпреварување. Вечерва македонскиот првак за ривал го имаше Загреб, успевајќи повторно да го совлада тимот чиј скалп го зеде и неодамна во рамките од Лигата на шампионите.

„Се боревме како лавови и заслужено победивме. НЕ е мала работа да го победите Загреб три пати во рок од две седмици. На крајот решија детали, секако во наша корист, знаевме како да го приведеме овој натпревар до крајот. Ќе славиме како никогаш досега, ова е хет-трик титули и не е мала работа. Секоја година е уште потешко да се одбрани трофејот, а ние три години сме на тронот“ – изјави Дибиров веднаш по финалето.

Очекувано, Русинот и соиграчите победата ја посветија на повредениот Кристијан Дисингер.

„По првото полувреме влегговме во соблекувалната и не зборувавме ништо, сите бевме во шок. Ни тој не е свесен што му се случи, знаеме колку му е тешко, оваа победа му ја посветуваме на него. Едвај чекаме да заврши церемонијата и да отидеме да ја споделиме радоста со Дисингер во овие тешки моменти за него“ – истакна Тимур Дибиров.

Се вчитува...