Диего Симеоне тренер на Атлетико Мадрид уште две години

Тренерот на Атлетикот Мадрид, Диего Симеоне потпиша нов двегодишен договор со клубот, со кој ќе остане до 2020 година на клупата.

„Ел Чоло“ ја започна седмата сезона како предводник на „јорганџиите“, и е еден од тренерите кои најдолго време раководат со еден клуб од топ петте лиги, само Венгер раководи со својот Арсенал подолго од Симеоне. Се најавуваше дека оваа сезона ќе биде негова последна со Атлетико, неколку клубови веќе подготвуваа понуди за неговите стратешки услуги, но очигледно ја смени својата одлука, па Симеоне останува на „Висенте Калдерон“.

„Ќе останам во овој клуб бидејќи сметам дека има светла иднина, иднина која можеме заедно да ја градиме. Ќе продолжам со напорната работа, заедно со играчите ќе се обидеме што повеќе да ги радуваме нашите прекрасни фанови, тие заслужуваат само успеси“, вели Симеоне.

Аргентинскиот стратег пристигна во декември 2011 година, а од тогаш Атлетико ја освои Лигата на Европа, европскиот Суперкуп, шпанскиот куп, шпанскиот Суперкуп, и најслатата титула во домашното првенсто. Атлетико два пати играше и финале во Лигата на шампиони под водство на Симеоне, но и во двата наврати градскиот ривал Реал беше подобар од Атлетико. Во 321 натпревар, Атлетико со Симеоне забележа 200 победи, 67 нерешени и 54 порази.

 

Се вчитува...