Првиот голман на националниот тим, Столе Димитриевски денеска пристигнува во Скопје од Шпанија, последен приклучувајќи се на репрезентацијата поради обврските во Рајо Ваљекано.
Неговиот клуб до последен ден не дозволуваше негово ослободување поради се уште актуелните обврски во шпанската Втора лига.
„Столе беше стандарден во Рајо Ваљекано на повеќе од 90% од натпреварите сезонава. Клубот си го задржи правото бидејќи УЕФА-прозорецот почнува од денеска… И нивниот тренер беше свесен дека Димитриевски мора денеска да се појави во репрезентативната база, и затоа вчера во последното коло од првенството пред плеј-оф разигрувањето мораше да проба со вториот голман“ – истакна селекторот Игор Ангеловски на денешната прес-конференција пред утрешниот натпревар со Словенија на арената „Тодор Проески“.
Селекторот Игор Ангеловски дополнително ќе одлучи дали Димитриевски утре веднаш ќе биде во стартниот состав за натпреварот со Словенија на „Тодор Проески“, но може да се очекува да добие одмор, а Шишковски да биде на голот од првата минута.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА