Димитриевски го минува Ристовски по бројот на настапи за Македонија, Трајковски оди кон „Клуб 100“!

Столе Димитриевски ќе ја чува мрежата на Македонија на вечерашниот дуел со Белгија, во обид да го запре „атомскиот напад“ на „црвените ѓаволи“ и да ја задржи нашата национална селекција на врвот на квалификациската група.

Воедно, Димитриевски со денешниот настап ќе го прескокне екс-капитенот Стефан Ристовски на листата на играчи со најмногу настапи за националниот тим. Двајцата во пресрет на дуелот во Гент имаат по 82 меча за Македонија, Димитриевски вечерва по 83-ти пат ќе го брани голот на нашата репрезентација, искачувајќи се на шестото место на ова рангирање.

Столе потоа до крајот на овој квалификациски циклус ќе може да скокне и на петтото место ако се знае дека пред него е Величе Шумуликоски со 84 средби во дресот на македонската репрезентација.

Горан Пандев е апсолутен рекордер по бројот на настапи за Македонија (122), а од активните фудбалери најмногу одиграни средби во репрезентативниот дрес имаат Александар Трајковски (96) и Џани Алиоски (87).

И Александар Трајковски ита кон „Клубот 100“ во кој се единствено Горан Пандев и Гоце Седлоски. Со четирите натпревари на репрезентацијата во октомври и во ноември, Трајковски веќе може да се приклучи во „Клубот 100“.

Се вчитува...