Димитриевски: Имав тешко детство, преку ноќ татко ми го собраа да ја брани Македонија

Голманот на фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски во интервју за шпанските медиуми говореше за теми надвор од фудбалот и како минувало неговото детство во Македонија.

Димитриевски кој е роден во Куманово говореше и за конфликтот во 2001 година и за тоа како татко му бил повикан да ја брани татковината.

„Војната? Се сеќавам дека двајцата чичковци дојдоа во нашата куќа и го земаа татко ми. Бев во дневната соба, беше ноќ и беше многу компликувано. Дојдоа со некаков лист хартија кој беше задолжителна наредба и го одведоа да ја брани татковината. Тоа беше голем шок за цело семејство и ние потоа отидовме во куќата на мојата баба, зашто таму беше посигурно. Македонија многу патеше, но денеска има простор за напредок и раст. Тој период траеше скоро една година и татко ми го видов неколкупати. Бев мал, но гледав тенкови и тоа беше шок за мене. Беше тешко, зашто знаеш дека нешто не е во ред. Но, татко ми имаше среќа зашто не беше во најопасните подрачја. Животот многу ни се смени во тој период. Во спортот немав толку тешки периоди, зашто веќе искусив потешки. И ги прифатив, преминав над нив и продолжив со мојата цел. Мојата цел не беше да живеам од фудбалот, туку на семејството да му овозможам подобар живот. Тоа беше моја главна цел. На 17 години потпишав за Удинезе, потоа заминав на позајмица во Гранада, па Кадиз, го учев јазикот, се прилагодував и излезе тоа многу брзо. Не наидов на некои големи тешкотии“, изјави Димитриевски.

Се вчитува...