Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски повторно е поврзуван со трансфер во Барселона. Откако пред две години пропадна можноста тој да се пресели во таборот на „Каталонците“, сега се отвора можност после повредата на Марк-Андре Тер Штеген.
Димитриевски би бранел во Барса како позајмен од јануари до јули, со оглед дека сега „Каталонците“ не можат повеќе да ангажираат нов чувар на мрежата, а потоа повторно би се вратил во Валенсија.
Според шпанските медиуми, денеска имало состанок помеѓу спортскиот директор Деко и тренерот Ханс Флик, по што ќе се донесе конечна одлука. Димитриевски е еден од трите варијанти.
Димитриевски на почетокот на ова лето се пресели во Валенсија, и очекуваше Георги Мамардашвили да биде продаден веднаш, за да брани за клубот од „Местаља“. Меѓутоа Грузиецот потпиша за Ливерпул, но остана во Валенсија како позајмен, па за Димитриевски во моментов нема место во стартните 11 на Валенсија.
Македонецот пред две години беше блиску до трансфер во „Камп Ноу“. Преговорите беа во завршна фаза, но во последен миг тогашниот втор голман Нето не најде клуб и се реши да остане во Барселона, па така пропадна и трансферот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА