Со победата против Охрид во последниот натпревар, Металург заврши на третото место на годинашниот струшки ракометен турнир. Во првата проверка пред стартот на новата сезона, „металурзи“ во подновен состав, запишаа еден пораз од францускиот Шартр и две победи, против домаќинот Струга и против Охрид. Според бекот Дарко Димитриевски кој е еден од повратниците во составот на Металург, овие натпревари се добра проверка и загревање пред стартот на новата сезона.
„Имавме добри подготовките во Маврово, а потоа продолживме со настап на турнирот во Струга и сега го чекаме почетокот на сезоната и натпреварите во СЕХА и во Лигата на шампионите. Ни треба време да се воиграме уште повеќе. Металург има млада екипа и неколку нови играчи во составот. Засега работите се одвиваат добро според планот. Останува до почетокот на сезоната да ја подобриме техниката и подготвени да го дочекаме дуелот со Вардар на стартот од СЕХА лигата. Вардар е голем ривал и секогаш постои голем предизвик и желба да се победи во овој дуел. Сите со нетрпение го чекаме овој натпревар и почетокот на сезоната“ – вели Дарко Димитриевски.
Повремениот македонски репрезентативец кој игра на позицијата среден и лев бек, минатата сезона дојде во Металург од унгарскиот Чургои. Но, потоа незадоволен од малаат минутажа, на полусезоната се пресели во Борец . Летово тој одново се врати во составот на Металург како едно од засилувањата во составот што ќе го предводи Лино Червар во следната сезона.
„Не би сакал да правам некоја споредба во однос на лани. Имаме добар тим, добро функционираме со целата екипа и со управата на Металург и верувам дека тоа ќе се види и на терен. Во Металург секогаш е „густо“ на бековските позиции. Мора да бидеме максимално борбени и да даваме максимум во секој дуел, се друго ќе си дојде“ – нагласува 24-годишниот бек на Металург.
По настапот во Струга, Металург продолжува со подготовките во Скопје. Новата сезона за „металурзи“ официјално стартува на 2 септември со дуелот против Вардар во 1.коло од регионалната СЕХА лига, а првиот натпревар во Лигата на шампионите ќе го одиграат на 13 септември на гости кај Монпелје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА