Македонскиот голман Столе Димитриевски денеска го запиша 60-от свој настап во дресот на македонската репрезентација. На тој начин израмнувајќи се, како што вели, со својот идол легендарниот Петар Милошевски едно од најславното имиња во македонската фудбалска историја.
Милошевски несреќно во сообраќајна незгода прерано го заврши својот живот, но Димитриевски вели дека сите генерации голмани, и сегашни и идни, засекогаш ќе го паметат големиот Петар.
„Сакам да се заблагодарам во овој момент на една личност како Петар Милошевски кој оставил толку многу за македонскиот фудбал, поради што вечно ќе се сеќаваме на него. Горд сум што денеска дојдов до 60 натпревари во репрезентативниот дрес израмнувајќи се со мојот идол Петар… Тој е еден од најдобрите голмани во историјата на Македонија и затоа сум среќен што ги достигнав на некој начин неговите вредности. Се надевам и посакувам во иднина повторно да има голманско име кое ќе ги достигне и надмине и моите настапи во репрезентативниот дрес“ – истакна Димитриевски по триумфот над Малта, притоа осврнувајќи се и на самиот натпревар.
„Сакавме да победиме и триумфот е најважен за нас. Тоа беше нашата цел и успеавме со тоа, иако знаевме дека секој натпревар е тежок на европската сцена. Претходните лоши резултати на пријателските натпревари воопшто не беа некаков притисок за нас, затоа што квалификациите се нешто сосема поразлично и тука дадовме се од себе за да триумфираме“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА