Димитријевиќ е блиску до потпис со Партизан?!

Ненад Димитријевиќ повторно е актуелен на европскиот кошаркарски пазар откако македонскиот плејмејкер по двете блескави сезони не успеа да се наметне кај тренерот Еторе Месина, па летово дефинитивно ќе си замине од Олимпија Милано. Заинтересирани има многу, а според информациите на специјализираниот портал “Buzzsport”, Димитријевиќ во моментов е најблиску до потпис со Партизан.

Тој никогаш не криел дека Партизан е клубот за кој навивал од раното детство, а доколку се реализира овој трансфер би му се исполнил големиот сон да го облече црно-белиот дрес.

Карлик Џонс е прва опција на Партизан на плејмејкерската позиција, но доколку се реализираат најавите за негов мегатрансфер во Фенерабче, би се отворило место во тимот за Димитријевиќ да се пресели во Белград. Според овие извори, за Македонецот е подготвен двогодишен договор со „црно-белите“, кои можат да размислуваат и подолгорочно откако вчера конечно добија тригодишна лиценца за учество во Евролигата.

Останува да се види дали овие најави ќе се реализираат, ако се знае дека за услугите на Димитријевиќ се интересираат уште неколку евролигашки екипи, но и руските гиганти ЦСКА Москва и Уникс Казањ.

Се вчитува...