Ненад Димитријевиќ беше најзаслужниот што Уникс ланската сезона ја освои титулата во силната ВТБ-лига, а македонскиот плејмејкер тргна моќно и во новиот шампионат од регионалното натпреварување. Уникс во првото коло во репризата на големото финале го совлада тимот на Локомотив Кубањ со убедливи 91-73, меч на кој во главна улога повторно беше нашиот репрезентативен плејмејкер.
Димитријевиќ одлично го отвори натпреварот постигнувајќи 12 поени во првите петнаесетина минути од мечот, во кој Уникс успеа да се одлепи и да стигне до двоцифрена предност. Потоа тој влезе во проблеми со личните грешки, но по враќањето во третиот период Македонецот влезе во нова серија кога гостите се обидуваа да се вратат, не дозволувајќи триумфот на Уникс во ниту еден момент да биде доведен во прашање.
Ненад Димитријевиќ одигра како вистински МВП, реализирајќи 22 поени надополнети со седум асистенции, покажувајќи дека и сезонава ќе биде главен адут на Уникс во одбраната на титулата во ВТБ-лигата. Рејнолдс додаде 16, а Кулагин 12 поени за победничкиот тим, додека најефикасен кај Локомотив беше Вајт со 18 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА