Димитријевиќ го доби евролигашкото мак-дерби со Ти-Џеј Шортс

Евролигата вечерва по неколку години пауза донесе нов дуел на двајца македонски репрезентативци, Ненад Димитријевиќ со Милано беше домаќин на Ти-Џеј Шортс како предводник на Париз. По голема битка, на крајот се радуваше Димитријевиќ, чиј тим беше поумешен во завршницата, успеа да реализира кога беше најважно и на крајот се радуваше на првата евролигашка победа (79-74). Париз втор меч по ред има контрола три четвртини, но Шортс и соиграчите како и во првото коло со Црвена Звезда, денеска повторно потфрлија во моментите кога се кршеше резултатот.

Димитријевиќ го заврши мечот со девет поени, три скока и ниту една асистенција, најефикасен кај Милано беше Шилдс со 21 пред Миротиќ со 15 поени, а главна ѕвезда на Париз повторно беше Шортс, кој го заврши натпреварот со 17 поени, 4 скока и 8 асистенции.

Барселона славеше со убедливи 88-73 на дуелот со Алба Берлин. Германците неочекувано поведоа со еден поен на две минути до крајот на третата четвртина, но Барса предводена од Бризуела направи серија од 10-0 во следните 120 секунди. Серијата на почетокот од четвртата четвртина продолжи до 18-1, со што практично беше скршен отпорот на гостите и каталонците триумфираа со убедливи 15 поени разлика. Бризуела беше клучна фигура со 18 поени за само 15 минути игра, Весели постигна 10 поени за Барса, додека најефикасен кај Алба беше Хермансон со 13 поени.

Олимпијакос триумфираше над Жалгирис со 74-68, до победата стигнувајќи нешто потешко откако во првата четвртина доминираше и поведе со 21-6. Гостите од Литванија не се предадоа, во финишот успеаја резултатски да се приближат, но Барцокас имаше премногу оружја во својот арсенал и „црвено-белите“ на крајот се радуваа на победата. Везенков беше одличен со дабл-дабл од 17 поени и 10 скокови, 15 поени за Олимпијакос постигна Фурние, додека стрелците на Жалгирис при овој пораз ги предводеше Сирвидис со 17 поени.

Се вчитува...