Димитријевиќ и Милано немоќни против Олимпијакос

Ненад Димитријевиќ и Олимпија Милано го претрпеа и вториот евролигашки пораз сезонава, губејќи со убедливи 89-68 на гостувањето против Олимпијакос. Грчкиот гигант покажа квалитет и искуство, неколку пати се одлепуваше резултатски и на крајот славеше со убедливи „плус 21“.

„Црвено-белите“ од Атина имаа плус десет во неколку наврати во првата четвртина, но Милано се врати и за момент дури и поведе. Димитријевиќ успеа за момент со неколку асистенции да го разигра својот тим, но Олимпијакос имаше премногу адути во своите редови. Од минута во минута предноста на грчкиот вицепрвак се зголемуваше, за тимот на Барцокас заслужено да стигне до втората победа во третата евролигашка рунда.

Македонскиот плејмејкер имаше седум асистенции и пет скокови, но немаше добар шутерски ден (1/4 за три, 2/6 за два поени). Лидеј со 16 и Диоп со 12 поени ги предводеа стрелците на Милано, додека клучна фигура кај Олимпијакос повторно беше Везенков со 22 поени и седум скокови.

Алба во дербито на дното го совлада тимот на Асвел со резултат 84-79, пред се благодарение на одличниот Хермансон кој го заврши мечот со 21 поен, следен од Спањоло со 16 поени.

Се вчитува...