Македонија би требало да биде значително засилена за вториот дуел од двомечот со Литванија, откако од таборот на Олимпија Милано најавиле дека се подготвени да му дадат зелено светло на Ненад Димитријевиќ да настапи за нашата селекција на дуелот во Клаипеда закажан за 24 ноември.
Македонија на 21 ноември ќе ја пречека Литванија во СРЦ „Кале“, дуел што Димитријевиќ нема да може да го игра бидејќи со Милано има значаен натпревар против Макаби во Евролигата. Раководството на КФСМ минатиот месец беше во посета на Милано со цел да разговара за можноста Нено да помогне против Литванците, таа средба неофицијално вродила со плод бидејќи е добиено уверување дека Димитријевиќ ќе може да патува со македонската репрезентација за Литванија.
Сето ова зависи од здравствениот статус на останатите плејмејкери во тимот, но ако се знае дека Милано во меѓувреме го доведе и Мењон како засилување за оваа позиција, големи се шансите најдобриот македонски кошаркар да биде на располагање за гостувањето во Литванија.
Од друга страна, Андреј Јакимовски нема да допатува од САД, каде ќе продолжи со настапите за Универзитетот Колорадо во НЦАА-лигата.
„Бевме во контакт и со Андреј и со неговиот тренер, но за жал не можеше да биде постигнат договор. Токму во тој период се игра и значаен турнир што ќе биде емитуван на ЕСПН, тоа е голема шанса за докажување за Андреј, така што тој ќе остане во САД“, истакна селекторот Алек Јончевски.
Голем проблем за стручниот штаб претставува повредата на Итан Хап, натурализираниот Американец кој беше од огромна помош во борбата под обрачите на првите две квалификациски средби.
„Хап има повреда на мускулот која што е крајно незгодна, па Американецот ги пропушти и последните две средби на Валенсија. Она што е сигурно, тој ќе допатува во Скопје, а по прегледите ќе биде решено дали може да биде дел од тимот или не. Ситуацијата е така, Шортс е во топ-форма во Париз и сигурно нема да го пуштат да дојде да игра за Македонија, ако не игра Хап ќе мораме да бидеме без натурализиран играч, но јас верувам во нашите момци, дека ќе одиграме две квалитетни средби против силниот противник“, изјави Јончевски за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА