Најдобриот македонски кошаркар во моментов, Ненад Димитријевиќ, ќе го има својот репрезентативен камбек на стартот од претквалификациите за Евробаскет 2025.
Одличниот плејмејкер се најде на списокот на новиот селектор Алек Јончевски, со кого и лично разговараше околу можноста за камбек во националниот тим откако Димитријевиќ ги пропушти завршните две квалификациски средби за СП 2023 против Шпанија и Украина.
Во меѓувреме тој си замина од Валенсија и потпиша договор со Уникс Казањ, но овој трансфер не би требало да го спречи репрезентативното враќање на Димитријевиќ. Тој ја пропушта првата фаза од подготовките што се одржува во Маврово поради средување на последните бирократски детали пред заминувањето за Русија, патување што за Македонецот ќе следи веднаш по вториот меч од овие претквалификации.
Се очекува кошаркарот на Уникс Казањ во текот на следната седмица да се приклучи на подготовките на репрезентацијата, а потоа да се најде во составот на националниот тим, најпрвин на гостувањето во Данска, а потоа и на домашниот натпревар со Словачка, две средби на кои победи сигурно би ја отвориле широко вратата кон освојување на првото место во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА