Ненад Димитријевиќ го одигра најдобриот меч по трансферот во Баерн, блескајќи во вечерашниот триумф над Валенсија со резултат 93-89. Фактот дека играше против својот поранешен клуб беше само мотив повеќе за Македонецот, кој одигра одлично, мајсторски ги организираше нападите на баварскиот гигант и беше меѓу најзаслужните за големата победа на тимот на Светислав Пешиќ. Конечните „плус четири“ не се реална слика за случувањата на теренот, ако се знае дека на една минута до крајот Баерн имаше 93-80, а Валенсија само го ублажи поразот во самата завршница.
Димитријевиќ реализираше 12 поени, згора на тоа имаше и 7 асистенции и една украдена топка, како и пет изнудени прекршоци, за вкупно 16 индексни поени. Најефикасни кај Баерн беа Лучиќ со 19 и Џесап со 16 поени.
Жалгирис во драматичен дуел како гостин го совлада тимот на Милано со 82-86. Литванците беа поумешни во последната четвртина што ја добија со 15-24, правејќи целосен пресврт за триумф. Франциско беше прва виолина на Жалгирис со 25 поени, Маодо Ло постигна 17, а на Милано не му помогна одличното издание на Шилдс и неговите 27 поени.
Резултатската криза на Панатинаикос се продлабочи по најновиот пораз, овојпат на гостувањето против Макаби со 75-71. Атаман повторно не можеше да смета на Кендрик Нан, во пресрет на овој меч се повреди и Осман, а без овие двајца клучни кошаркари ПАО не успеа да „преживее“ во жешката атмосфера во Тел Авив. Шортс одигра квалитетен меч реализирајќи 13 поени, 7 асистенции и три украдени топки, но и тоа беше недоволно да се стигне до позитивен резултат. Најзаслужни за победата на Макаби беа Лундберг со 16 и Блат со 15 поени.
Реал Мадрид во дербито на колото го совлада европскиот вицепрвакк Монако со 90-78. „Кралевите“ имаа 23 поени предност во првото полувреме, Монако ја ублажи негативата, но немаше сили за целосен камбек во Мадрид. Лајлс беше прв стрелец на Реал со 20 поени, додека Кампацо стигна до дабл-дабл од 17 поени и 10 асистенции.
Дубаи неочекувано лесно и убедливо триумфираше на гостувањето во Париз со . Кај домаќините слаб меч одигра Хифи со шут од поле 3/13, додека во таборот на Дубаи најзаслужни за победата беа Петрушев со 21 и Кабенгеле со 17 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

