Ненад Димитријевиќ и Хувентуд ја продолжија серијата одлични настапи во Еврокупот, во третото коло стигнувајќи до третата победа, втора во низа на гостински терен. Шпанскиот тим вечерва гостуваше во Истанбул на составот на Башакшехир, доминирајќи од почеток до крај и заслужено триумфирајќи со убедливи 72-91.
Македонскиот плејмејкер се најде во стартната петорка и беше меѓу најзаслужните за фуриозниот старт на Хувентуд, кој ја доби првата четвртина со 16-28 и си го трасираше патот до победата. Иако на почетокот се соочи со проблеми со личните грешки (две во првите пет минути), Димитријевиќ одигра импресивен натпревар постигнувајќи 13 поени, надополнети со осум асистенции и три украдени топки.
Хувентуд е единствениот тим во групата со максимални три победи во првите три кола, а Димитријевиќ и соиграчите во следната рунда ги очекува домашен натпревар во Бадалона против Венеција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА