Ненад Димитријевиќ и Хувентуд во голем стил ја стартуваа и Топ 16 фазата од Еврокупот, откако на гостински терен го совладаа шпанскиот ривал Уникаха Малага со 86-95. Откако како први ја завршија групната фаза во првата рунда, Димитријевиќ и соиграчите одиграа одлично и на вечерашниот дуел, со извонредно издание во второто полувреме (50 постигнати поени) стигнувајќи до огромна победа.
Македонскиот плејмејкер одигра значајна улога во овој триумф, особено со изданието во второто полувреме. Тој влезе во игра при „минус седум“ за Хувентуд и под негово водство тимот од Бадалона направи целосен резултатски пресврт, поведувајќи со седум поени. Тренерот го повлече Димитријевиќ на пет минути до крајот, предноста се истопи, за Македонецот да влезе во самата завршница и со две асистенции до Басас да стави точка на своето одлично издание.
Димитријевиќ мина на теренот 20 минути, период во кој реализираше 13 поени надополнети со седум асистенции, два скока и една украдена топка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА