Македонците продолжуваат со победите во ВТБ-лигата, па нецели 24 часа откако Емил Рајковиќ со ЦСКА Москва обезбеди пласман во полуфиналето од регионалното натпреварување, истото го стори и Ненад Димитријевиќ со својот тим Уникс Казањ.
Кошаркарите на Уникс попладнево гостуваа во Парма, каде рутински триумфираа со убедливи 52-73, за конечна победа од 3-0 во оваа четвртинална серија. Денешниот дуел почна во знакот на кошаркарите на Парма, кои поведоа со 21-14, но следеше експресен одговор од Димитријевиќ и соиграчите. Уникс до крајот на полувремето дојде до предност, а со одличната трета четвртина (8-25) си го трасираше патот до триумф, осигуран со рутинска игра во последните десет минути.
Македонскиот плејмејкер мина на теренот 25 минути, период во кој реализираше 12 поени, а имаше и 6 асистенции и еден офанзивен скок.
Ривал на Уникс во полуфиналето ќе биде подобриот од серијата Зенит – МБА Москва, каде резултатот по првите две средби е израмнет (1-1).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА