Димитријевиќ остана без трофеј во Купот на Италија

Ненад Димитријевиќ не успеа да се закити со трофеј во Купот на Италија откако со тимот на Олимпија Милано загуби на домашен терен од Трентино со убедливи 63-79. Финалето беше дуел на кој Милано важепе за апсолутен фаворит, но италијанскиот првак одигра катастрофално во нападот, шутот од далечина воопшто не функционираше (1/20 за тројка) и на крајот заслужено го загуби натпреварот.

Првото полувреме мина во израмнета борба во која Трентино во самиот финиш успеа да се одлепи и  на одмор да замине со водство од 31-38. Не само што Милано не се врати, туку кошаркарите на Трентино во третиот период уште повеќе се одлепија, а во последните десет минути го зададоа финалниот удар, славеа со „плус 16“ и се закитија со првиот куп-трофеј во клупската историја.

Димитријевиќ мина само 12 минути на теренот и реализираше само еден поен, надополнет со еден скок и две асистенции. Двоцифрен ефект кај Милано имаа само Миротиќ со 20 и Лидеј со 12 поени.

Македонскиот плејмејкер веќе утре ќе допатува во Скопје и ќе се приклучи на националниот тим за финалните квалификациски средби за Евробаскет 2025, против Естонија на гостински терен и против Полска пред своите гледачи.

Се вчитува...