Димитријевиќ: Сакам пак да уживам во кошарката, се надевам на многу победи со Зенит

Ненад Димитријевиќ ги пропушти претквалификациите на македонската репрезентација за СП 2027 и одличниот плејмејкер максимално одморен ја очекува новата клупска авантура, по летниот трансфер од Олимпија Милано во Зенит.

Тој се враќа назад во Русија откако во двете сезони во дресот на Уникс освои бројни МВП признанија и една шампионска титула, а Димитријевиќ не крие дека со нетрпение го очекува стартот на новата авантура во ВТБ-лигата. Тој веќе одржа неколку тренинзи со новите соиграчи, а во разговор за официјалната веб-страница на Зенит говореше за очекувањата во пресрет на новата сезона.

„Едвај чекав да дојдам, да се запознаам со сите и да почнеме со подготовките. Зборував со момците, сите сме возбудени, верувам дека пред нас ќе биде добра сезона. Лично само сакам да се вратам на мојот стил на игра, да уживам, да играм онака како што знам и се надевам дека на тој начин ќе му помогнам на тимот да забележи многу победи“, изјави Ненад Димитријевиќ.

Се вчитува...