Нено Димитријевиќ со нетрпение го очекува вечерашниот дуел од Евролигата, во кој неговиот тим Олимпија Милано за противник ќе го има шампионот на АБА-лигата, Црвена Звезда. Оваа пресметка за македонскиот плејмејкер ќе биде нова можност да ги одмери силите со својот кошаркарски идол, неповторливиот Милош Теодосиќ.
„Искрено, ќе ми биде чест повторно да се најдам на теренот и да играм против Теодосиќ. Имам кажано во неколку интервјуа низ годините, тоа не е еден од неколкуте, Теодосиќ е мојот единствен кошаркарски идол додека растев. Имам играно против него и бев воодушевен што го гледав крај себе, во противнички дрес, ќе биде убаво денеска повторно да се сретнеме“, изјави Димитријевиќ.
Најдобриот македонски кошаркар во интервјуто за „Меридијан Спорт“ се осврна и на гостувањето во Белград против Партизан минатиот месец, меч на кој Димитријевиќ неочекувано го мина целото второ полувреме на клупата.
„Беше прекрасно чувството да се игра во Белград против Партизан, можам да кажам дека атмосферата беше неверојатна, се наежив од сето она што се случуваше на трибините пред самиот почеток на мечот. Мило ми е што победивме, сепак остана горкиот вкус што не влегов во игра во второто полувреме. Се надевам дека во иднина ќе имам можност да играм уште многу натпревари во оваа арена, при таква фантастична атмосфера“, истакна Ненад Димитријевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА