Хувентуд направи огромен чекор напред во битката за опстанок откако попладнево славеше на натпреварот против Гран Канарија со убедливи 86-72. Ова воедно беше и дуел на младинскиот македонски репрезентативец Ненад Димитријевиќ против Лестер Бо Мекејлеб, на кој младиот плејмејкер и покрај малата минутажа на крајот се радуваше на победата.
Хувентуд одлично го почна натпреварот и ја доби првата четвртина со 19-12. Димитријевиќ влезе во игра на средината од вториот период, веднаш имаше две украдени топки по кои неговиот тим реализираше и дојде до двоцифрена предност. Младиот плејмејкер потоа имаше и една асистенција и еден погоден, за по едно погрешно додавање пред крајот на полувремето да биде повлечен од игра.
Домашните кошаркари знаеја како да го задржат водството до самиот крај и триумфираа со конечни 86-72, а зад името на Димитријевиќ за неполни четири минути игра останаа запишани два поени, две украдени топки, една асистенција и една загубена топка. На спротивната страна, Лестер Бо Мекејлеб беше меѓу најдобрите поединци кај Гран Канарија со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА