Ненад Димитријевиќ и Уникс Казањ не успеаја да ја одбранат титулата во ВТБ-лигата откако загубија уште еден меч на домашен терен (55-66), за конечни 1-4 во финалната серија со ЦСКА Москва. По триумфот во Москва во претходниот дуел, тимот на македонскиот репрезентативец денеска повторно разочара на домашен терен, губејќи го третиот меч во низа пред своите гледачи за конечен пораз во ова финале.
ПРвото полувреме мина во израмнета борба во која Уникс на одмор замина со предност од 38-34. Сепак, пресудна се покажа цврстата одбрана на ЦСКА во второто полувреме, во кое домаќините постигнаа само осум поени во третата четвртина (8-20) и само девет во последните десет минути (9-12), за конечни 55-66 и заслужена победа на ЦСКА во оваа финална серија.
Димитријевиќ немаше свој шутерски ден и мечот го заврши со прескромни девет поени (0/5 за тројка, 2/4 за два поени), најефикасен кај Уникс беше Рејнолдс со 18 поени, додека најдобар стрелец во таборот на ЦСКА Москва беше Астапкович со 12 пред Џекири со 11 поени.
Како што е веќе добро познато, најдобриот македонски кошаркар летово ќе го напушти Уникс и ќе се пресели во евролигашот Олимпија Милано.
Авантурата на Димитријевиќ во рускиот клуб е и повеќе од успешна, ако се знае дека во дресот на Уникс нашиот ас лани стигна до титулата во ВТБ-лигата, воедно закитувајќи се и со МВП признанието во плејофот, а сезонава беше избран за МВП во регуларниот дел од сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА