Димитријевиќ со седум поени, Баерн потклекна пред Дубаи

Кошаркарите на Баерн Минхен загубија со 74-87 од Дубаи на домашен терен во натпревар од 32. коло во Евролигата. Со тоа тимот на Ненад Димитријевиќ ги намали шансите за пласман во следната фаза.

Германскиот тим одлично го почна мечот, и поведе во првиот период, но во вториот целосен пресврт на Дубаи и се стекна со добра предност, која ја зголеми и во текот на третиот период. На стартот од четвртата четвртина Дубаи имаше +14, предност од која Баерн не можеше да се опорави.

Ненад Димитријевиќ постигна седум поени за нешто повеќе од 18 минути игра, а притоа запиша четири скока и една асистенција. Најефикасен беше Бејкон од Дубаи кој постигна 21 поен.

Во другите натпревари, Барселона ја совлада Валенсија, Монако триумфираше во Истанбул кај Анадолу Ефес благодарение на одличната игра во последниот период. Хапоел Тел Авив со 109-91 го победи Виртус, а Олимпијакос со 90-80 беше подобар од Басконија.

Се вчитува...