Димитријевиќ: Со Шортс ќе направиме врска за успех на Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација квалификациите за Евробаскет 2025 ги продолжува со натпреварите против Естонија и Полска кои се последни во овој циклус.

Македонија има шанса одново да се најде на еден голем собир, но за тоа потребна е победа против Естонија во Талин и поволни резултати на другите натпревари.

Лидер на составот одново се очекува да биде Ненад Димитријевиќ, фантастичниот бек кој имаше неверојатен блесок на последниот натпревар против Литванија.

„Естонија е незгоден противник. И последните квалификации имавме проблеми со нив, но мислам дека имаме доста квалитет, во налет сме и мислам можеме да направиме успех, едно изненадување во нивниот тим. Едвај го чекам натпреварот“, вели Димитријевиќ.

За прв пат во овие квалификации Димитријевиќ како поддршка на бековската позиција ќе го има Ти-Џеј Шортс, кошаркарот кој со преголем успех настапува во Евролигата оваа сезона претендирајќи за МВП титула.

„Мислам дека сме двајцата доста добри играчи и можеме за кратко да се навикнеме еден на друг. Да направиме врска која функционира за успех на репрезентацијата. До натпреварот со Естонија ќе бидеме подготвни“

Димитијевиќ се сложува со Шортс, за победа во Талин ќе биде потребно Македонија да покажа физикалност, но и да верува во триумф уште од самиот старт на средбата.

„Прво мислам дека физички мора да бидеме посилни. Естонија го покажа тоа, тие се тим кои сакаат да трчаат, имааат квалитетни кошаркари на сите позиции. Треба да се подготвиме за нивната енергија, физикалност и да одговориме на тоа. Мора да веруваме во победа. Од првта минута да целиме на победа“ додава лидерот на Македонија.

Се вчитува...