Ненад Димитријевиќ игра одлична сезона во дресот на Уникс Казањ, каде македонскиот плејмејкер настапува како позајмен играч од Валенсија. Сепак, нашиот репрезентативец не ја крие големата желба, еден ден да го облече дресот на клубот за кој навива уште од раното детство, белградски Партизан.
Во интервју за српскиот портал „Моцартспорт“ тој отворено говореше за љубовта кон „црно-белите“ и желбата еден ден да се поклопат коцките, тој да заигра за Партизан.
„Желба ми е да играм во Евролигата, требаше лани да бидам таму со Валенсија, но мојот клуб тогаш настапуваше во Еврокупот. Во меѓувреме Валенсија влезе во Евролигата, но јас заминав на позајмица во Уникс, се надевам дека коцките ќе се склопат и следната сезона ќе ја минам во елитното натпреварување, кое максимално го следам. Партизан е клуб за кој навива моето семејство, со нив и јас, бев на четвртиот меч со Макаби во 2010 година, кога отидоа на фајналфор турнирот. Секако, веќе не сум страстен навивач бидејќи сум професионален спортист, мило ми е кога Партизан ќе победи, но не скокам од радост како кога бев мал. Имам убави спомени, се уште ги чувам и фотографиите од тоа време, дедо ми беше луд за Партизан, потоа и татко ми… не можев ни да бирам. Сон ми е да одиграм барем една сезона во кариерата за Партизан, да ја почувствувам таа атмосфера и навивачите. Тоа ми е цел, не знам кога, но знам дека еден ден ќе биде како што треба. Сепак, сакам еднаш тоа да го почувствувам, пред да ја завршам кариерата“, вели 25-годишниот Димитријевиќ.
Македонскиот репрезентативец откри и како прв пат се запознал со легендарниот тренер на „црно-белите“, Жељко Обрадовиќ.
„Се запознавме во Бадалона. Тој по ПАО зема слободна година и дојде да живее таму, додека неговиот син Ѓорѓе тренираше во Хувентуд и јас се дружев со него. Бев во нивната куќа, таму го запознав… Всушност, прв пат го видов во салата, тој беше дојден за да го земе Ѓорѓе, јас само минував крај него. Имав 14 години, застанав и му реков: Јас сум Нено. Тој ми рече: Знам, знам… беше навистина фин и пријатно ме изненади“, открива Ненад Димитријевиќ.
Тој се осврна и на македонската репрезентативна кошарка која се мачи да се врати на големата сцена.
„Мислам дека луѓето се враќат на онаа 2011 година и секој нареден собир и натпревар го споредуваат со тоа време. Транзицијата поради смената на генерации беше тешка, таа селекција имаше талент, но и играше заедно многу години. Треба време и напорна работа за да се повтори нешто слично. Мислам дека може многу подобро да се работи со македонските играчи дома. Јас искрено секој пат уживам кога ќе го облечам репрезентативниот дрес. Сакам да бидам лидер, имам многу пријатели со кои играв во младинските категории. Минатото лето бев со националниот тим, не бев во најдобар ритам по тешката сезона со Валенсија и тој период во репрезентацијата ми помогна да се вратам во топ-форма, да потврдам што можам“, истакнува Димитријевиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА