Димитријевиќ: Сонот наречен Евролига ќе ми се оствари, првиот совет што го добив од Месина е…

Двете години минати во дресот на Уникс го лансираа Ненад Димитријевиќ во самиот врв на европската кошарка, па сосема очекувано во изминатиот период следеа бројни понуди од евролигашката сцена.

На крајот, најдобриот македонски кошаркар ја прифати онаа на Олимпија Милано, па како член на овој клуб ќе си го оствари големиот сон – да заигра во елитното еврпоско клупско натпреварување. Димитријевиќ веќе неколку седмици напорно работи под водство на Еторе Месина, а во интервјуто за официјалната веб-страница на Олимпија го откри и првиот совет што го добил од трофејниот стратег.

„Пресреќен сум што сум овде, во клуб како Милано… Од седум години ја следам Евролигата, знам кој победил на сите Ф4 турнири, кои играчи играле за шампионските тимови… да се биде дел од Евролиата, тоа е остварување на сонот. Едвај чекам да почнам и да покажам што знам. Првите недели во Милано беа извонредни, се запознавам со луѓето од клубот, со соиграчите… ќе биде задоволство да го делам теренот со нив и се надевам дека ќе имаме победничка сезона. Тренерот Месина ми рече прво една работа: Да бидам она што сум. Ако останам она што сум и бидам агресивен, убави работи ќе ми се случуваат. Секако дека планирам да го послушам“, истакнува Димитријевиќ.

Тој говореше и за успесите што ги имаше во последните две години како член на Уникс, тим со кој стигна до титулата во ВТБ-лигата, но освои и две МВП-признанија.

„Од првиот момент кога дојдов во Уникс ми беше јасно дека пред мене е голема шанса. Тренерот Перасовиќ ми даде шанса да бидам стартен плејмејкер, но и лидер на тимот, а јас го искористив тоа. Резултатите беа важни за мене како играч, но и за целиот клуб кој за првпат стигна до титулата во ВТБ. Горд сум на она што го остваривме заедно, создадовме спомени што ќе ги чуваме за цел живот“, вели Нено.

Димитријевиќ е и лидер на македонкиот национален тим, постигнувајќи 32 поени во големиот триумф во Полска над домашната селекција како дел од квалификациите за Евробаскет.

„Да се игра за репрезентацијата е навистина специјално чувство, ја браниш својата земја, својот народ… Да се биде лидер на националниот тим, одговорноста е огромна, но тоа е нешто што мене ми одговара, сакам да бидам лидер. Искрено се надевам дека ќе успееме да се пласираме за ЕП следното лето“, порачува Ненад Димитријевиќ.

Следеше и прашање за најголемите кошаркарки идоли, при што Македонецот од бројните кошаркарски великани го издвои – Милош Теодосиќ.

„Низ години изучував како играат бројни врвни плејмејкери. Еден од нив е Василис Спанулис, друг е Никос Зизис, со кого имав можност и да играм во Хувентуд. Сепак, ако треба да изберам еден омилен играч – би рекол Милош Теодосиќ. Исто така се воодушевувам и на Чачо Родригез, но Теодосиќ отсекогаш ми бил омилен. На теренот, се обидувам да остварам предност за мене и за сограчите. Без оглед на ситуацијата, сметам дека мој главен квалитет е да бидам во можност да го најдам најдоброто можно решение за тимот“, истакнува најдобиот македонски кошаркар.

Се вчитува...