Димитријевиќ: Вторите средби ги играме подобро, ајде да го покажеме тоа и во Литванија

ЕКИПА во Клаипеда, 

Стеван Цаневски

Ненад Димитријевиќ рано утрината пристигна од Милано во Клаипеда, а нашиот најдобар кошаркар веднаш се фати за работа и беше дел од тренингот во литванскиот град во пресрет на утрешната пресметка со овој ривал во рамките од четвртото коло од квалификациите за Евробаскет.

Димитријевиќ поради клупски обврски не можеше ниту да го следи првиот меч во Скопје, но одличниот плејмејкер верува дека утревечер можеме да се прикажеме во подобро светло против една од најреномираните европски селекции.

„Така се поклопија работите, игравме речиси во исто време, Македонија со Литванија, а јас со Милано против Макаби. Ги гледав првите пет минути и потоа морав да излезам на терен, ги гледав потоа „хајлајтсите“ од натпреварот во Скопје и видов што се случувало. Тој пораз не не обесхрабрува, јас мислам дека секогаш вторите натпревари од ваквите двомечи ги играме подобро, малку повеќе сме заедно и тактички и психолошки сме поподготвени за тие втори средби. Клучно ќе биде да не си дозволиме таков старт како во Скопје, да парираме резултатски, да не дозволиме Литванија да се одлепи. Ако сме блиску на резултатски план, можеме да влеземе во неизвесна завршница, зошто да не и да изненадиме“, вели Димитријевиќ.

Судскиот критериум и толерирањето на агресивната одбрана на Литванците беше наш сериозен проблем на првиот меч, но Димитријевиќ потенцира дека тоа е европски тренд што се повеќе зема замав во кошарката.

„Искрено, кошарката веќе се движи во таа насока, со многу повеќе физичка игра, со поголема толеранција на судиите на тие контакти од одбранбените кошаркари. Тоа е тренд кон кој се движат Евролигата, лигите ширум Европа, јас лично сум навикнат и верувам дека нема да ми претставува проблем“, истакна најдобриот македонски кошаркар.

Се вчитува...