Димитар Димитриоски ги мина младинските категории во Металург, извесно време беше и капитен на овој клуб, но минатото лето реши да си замине од Автокоманда и да се пресели во таборот на Вардар. Јасно беше дека ќе нема преголема минутажа, но Димитриоски се уште е убеден дека го направил вистинскиот чекор, бидејќи во таборот на „црвено-црните“ има можност секојдневно да работи со крила од светски калибар.
„Имаше шеги на моја сметка од пријателите, по трансферот од Металург во Вардар. Сепак, на сите им беше јасно дека понуда од тимот што е актуелен првак во ЛШ и во СЕХА-лигата не смее да се одбие. Добив доволно шанси да ги покажам квалитетите, а воедно имам можност да тренирам и да учам од Дибиров, Чупиќ и Шишкарев, крилни ракометари од највисока класа. Гледам да научам што повеќе, тоа е одличен начин да станам уште подобар ракометар“, изјави Димитриоски со интервју за официјалната веб-страница на СЕХА-лигата.
Поголемите амбиции на Вардар во однос на оние на Металург се очигледни од првиот ден минато во црвено-црниот табор.
„Со Металург бевме млад тим што се бореше и во СЕХА и во Лигта на шампионите. Вардар е поголем клуб, има амбиции да освојува трофеи во сите натпреварувања, затоа двата тима тешко може да се споредат. Млад тим што се бори во групите Ц и Д не се споредува со екипа што е актуелен првак во ЛШ“, истакнува Димитриоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА